Охридски музички ѕвезди ќе ги забавуваат граѓаните на охридскиот плоштад, за пречекот на Новата Година. За разлика од претходните години кога за новогодишната ноќ, гостуваа познати музички ѕвезди, за годинешниов пречек, Охридките локални власти најавуваат поскромна прослава.
-Буџетот за новогодишната ноќ е ограничен, па тоа значи дека треба да организираме поевтина новогодишна забава. Тоа што ќе настапат локални естрадни ѕвезди, не значи дека нема да има квалитетна и интересна забавна содржина. Сеуште не се знае кои естрадните уметници ќе настапат, затоа што во тек се преговорите за ангажмани -велат од Општина Охрид.
Во делот на подготовката на градот во пресрет на Новогодишната ноќ, традиционално ќе се украсат Градскиот плоштад и Чаршијата. Новина во годинешното украсување на градот ќе биде тоа што, освен Централното градско подрачје и попрометните улици, ќе бидат украсени и периферните населби на Охрид.
Дека годинешната прослава во Охрид ќе биде многу поскромна, говори и фактот што годинава за прославата и украсувањето на градот, се планирани вкупно 500.000 денари. На пример, за споредба, оваа сума е за 850.000 денари помала, од организираниот дочек за 2007 година кога биле потрошени милион и 350.000 денари. Тогаш за забавниот дел на пречекот на плоштадот, беа ангажирани Каролина Гочева и групата Ареа.
E.E.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com