Изложба на накит под наслов „Скриеното, чудесно “од дизајнерките Марта Пејоска и Биби Клекачкоска ќе биде отворена вечерва во Галеријата на Марта Пејоска во Охрид, со почеток во 21 часот.
Изложбата се организира во рамките на „Охридско лето“ а посетителите ќе можат да погледнат колекција современ накит заеднички обмислена од двете етаблирани дизајнерки на филигрански накит и едни од пионерите на македонската сцена на современ накит.
Нивното истражување на тема Охрид и Охридското Езеро започна уште во 2013 презентирано во склоп на групната изложба „Во синило те намамив“, во рамките на „Охридско лето“. Годинашниот проект „Скриеното, чудесно“ претставува продлабочена студија за конкретното, за она што се крие во длабочините на езерото, во соработка со Хидробиолошкиот завод од Охрид и проф. д-р Златко Левков, од Институтот по биологија при Природно – математичкиот факултет во Скопје. Приближувањето на откриеното до публиката е изведено на еден интересен и концептуален начин, преку современа форма на уметнички накит.
Дијатомеите се микроскопски организми, од суштинско значење за многу процеси во езерото и надвор од него. Нивните многубројни вариетети во структурите се полето на игра со која се раѓаат нови дизајни и цела една нова линија на изразување. Финалната форма претставува концепт за нов препознатлив белег на градот Охрид и езерото.
Биби Клекачкоска е дизајнер на накит со повеќе од 20 години работно искуство. Препознаена како авангарден уметник во полето на дизајнот и изработката на накит, пионер на новиот бран на ревитализација и реинвенција на традиционалната филигранска уметност, со голем апетит за истражување и употреба на нови техники, материјали и пристапи во уметничкото изразување. Во својата работа секојпат успешно ги вткајува личните вредности што резултира во креации со висока уметничка вредност, ергономичност, издржливост и пред сè безвременост. За нејзината успешност и препознатливост во пошироки рамки говорат и нејзините учества на најпознатите саеми на накит во Европа. Само во последнава година, во нејзиното портфолио се вбројуваат SIERAAD во Амстердам, MINHEN JEWELLERY WEEK во Минхен и AUTOR во Букурешт.
Марта Пејоска е архитект на накит која преку своето творештво зачувува еден мал но значаен дел од македонското културно наследство, филигранската техника, при тоа, давајќи еден нов модерен израз на филигранскиот накит, а со тоа тежнеејќи кон неговото осовременување. Оваа амбиција води и кон нејзиниот личен раст и развој како уметник, со посебен акцент на современиот уметнички накит и дизајн. Сето ова во 2014 г. резултираше со отворањето на првата приватна уметничка галерија со ателје за современ накит и филигран во Охрид и Македонија, во нејзина сопственост, како еден значаен придонес кон континуираниот развој на македонската сцена на современ накит. Учествата на интернационални настани и разни проекти од областа на креативните индустрии и заштитата на културното наследство уште повеќе говорат за нејзината активност и успешност.
Изложбата „Скриеното, чудесно“ ќе биде отворена за посетителите до 30. јули.
OhridNews