При крај се подготовките за одбележување на празникот Успение на Пресвета Богородица во село Скребатно каде традиционално се одржува голем црковно-народен собир на кој присуствуваат илјадници верници.

Со света литургија на 28 август утрината од 7.30 часот започнува одбележувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица во црквата во Скребатно. По литургијата започнува настанот за наддавање на бајракот, кој ќе даде најголема сума ќе го заврти трипати околу црквата за свое здравје и здравје на фамилијата. Од утрината паралелно се вршат подготовките за ручекот. Се колат овци и јагниња, традиционално секоја година. Околу 14 часот би требало да е подготвен ручекот. Се задржува традицијата ручекот да е послужен на тревата каде во редови седнуваат луѓето. Се делат земјените чинии и дрвени лажички, како и леб печен во фурна. За здравје се дели и ракија манастирска, објаснува Илија Мирјаноски од Црковниот одбор.

 Се продолжува заветот даден пред повеќе од два века

Се очекува и годинава неколку илјадници верници да присуствуваат како од Охрид, така и од Ресен, Битола, Прилеп… Во поглед на безбедноста на посетителите ќе бидат присутни служби од ТППЕ Охрид, Брзата помош и СВР Охрид.

Се е обезбедено. Патот до црквата е исчистен, проширен и се е подготвено за прославата на овој голем христијански празник. Масовното одбележување на празникот изостануваше само две години за време на Ковидот, но адетот беше запазен во поглед на одбележување на празникот, додава Мирјаноски.

Ден претходно, вечерта на 27 август како и секоја година и годинава нема да изостане музичка програма во рамки на која ќе настапат „Маестрал бенд“ и Марјан Коцев со почеток во 20 часот.

По повод празникот во среда Општина Охрид организира бесплатен превоз до селото односно црквата. Тргнувањето е во 8:30 часот од автобуската постојка кај пекарата „Мартина“ на булевар „Туристичка“ и од центарот на селото Лескоец. Враќањето за назад е предвидено за во 16:30 часот.

Инаку, црквата Успение на пресвета Богородица целосно е возобновена на темелите на стариот храм кој со точност не се знае од кога потекнува. Скребатно за прв пат во пишан документ се спомнува во 1583 година.

Н.С.Ј.