Тешка финансиска состојба и стар возен парк, е она што беше затекнато пред две години по преземањето на менаџирањето со јавното претпријатие Охридски комуналец, рече на денешната прес конференција директорката на претпријатието, Елена Скрческа која се осврна на сработеното во текот на изминатите две години. Таа додаде дека токму затекнатата состојба била предизвик да се вложат напори за претпријатието повторно да застане на здрава основа.

 

Во текот на овие две години значително се подобрени перформансите во сите аспекти од работењето на претпријатието. Подобрена е профитабилноста – искажана преку добивката во 2013 година – 797.000 денари и во 2014 година – 955.000 денари; намалена е задолженоста на претпријатието, исплатени се обврски кон добавувачите во износ од 79.765.126 денари, како и  обврски  по извршни судски решенија во износ од 11.763.150 денари. Континуирано се врши редовно и навремено подмирување  на сите доспеани обврски што влијаеше да се врати довербата кај нашите добавувачи и значително да се намалат трошоците  за затезни камати и извршни судски решенија, рече Скрческа.

Таа потенцира дека континуирано се обрнува внимание на намалување на непродуктивните трошоци како што се репрезентација, телефонски услуги, реклама и пропаганда.

Директорката на јавното претпријатие истакна дека во изминатиот период е зголемен физичкиот обем на подигање на смет. Во сите села наместо еднаш во неделата отпадот се подига два пати, а во центарот на градот  наместо два пати, се подига три пати во денот во летниот период  и во сите продолжени викенди.

Во текот на 2013 година поставивме 100 плехани контејнери а во 2014 година поставивме 200 пластични контејнери со цел хигиената да е на повисоко ниво. Со помош на Локалната самоуправа преку Светска Банка и Министерството за финансии ќе се набават пет нови возила за подигање на смет и одржување на јавната хигиена, рече Скрческа.

Во рамки на активностите на претпријатието е и селекција на хартија, пластика и стакло. Во соработка со Центарот за југозападниот плански регион добиени се 75 канти за ситен отпад и една балирка за хартија и пластика, а преку проектот за меѓународна соработка  со Албанија “, 40 контејнери за селекција на пластика и една балирка. Во тек е постапка за набавка на две возила за смет од 16м3 и два подземни контејнери преку Словенечката влада со учество на претпријатието од 50 % од вредноста на инвестицијата.

Во изминатиот период извршено е оплеменување на нови зелени површини во центарот на градот и приградските населби, уреден е влезот на градот, подобрен е и проширен асортиманот на расадничкото производство,а обновен е машинскиот дел во зеленилото.

Скрческа потенцира дека основните приоритети на претпријатието се- чист и уреден град, граѓани задоволни од услугите, добри деловни односи со коминтентите и унапредување на ликвидноста и финансиското работење.

Т.К.