Полицискиот час од синоќа почна од полноќ и траеше до четири часот изутринава согласно новиот предлог на Комисијата за заразни болести за олабавување на рестриктивните мерки.
Олабавувањето на рестриктивните мерки уследи по намалувањето на бројот на новозаболени и хоспитализирани на корона вирусот во изминатиот период и намалувањето на притисокот врз болничките капацитети. Новите мерки, што Владата ги усвои во вторникот на седница, ќе важат до 18 мај.
Од вторникот со продолжено работно време до 23:30 часот работат и угостителските објекти на летните тераси, а со работа почнаа и фитнес клубовите, спортските центри, салите за вежбање и игротеките, но за нив е задолжително почитување на протоколите за работа.
Спортските натпревари и понатаму ќе се одржуваат без физичко присуство на публика.
Како дел од олабавувањето на рестриктивните мерки е и дозволата да се организираат настани и слични јавни активности согласно протоколите за работа, односно до 30 проценти исполнетост на капацитетите во внатрешноста на објектите и до 50 проценти исполнетост на отворен простор.
Засега, останува забраната за свадби и концерти.
Останува и препораката за носење на заштитна маска на отворено. Според министерот за здравство Венко Филипче, се уште е рано да се смени оваа препорака. За ова било разговарано на последниот состанок на Комисијата за заразни болести, но заклучокот бил дека е рано за укинување на оваа препорака.
Согласно новите мерки, сега и на здравствените работници им се дозволува користување на годишен одмор и платени отсуства, но тоа ќе се прави согласно планот на раководителот на установата за да се наруши нормалното и тековно функционирање на системот на работа во здравствените установи.
Во градинките е дозволено зголемување на бројот на згрижени деца најмногу до 15 во воспитните групи до двегодишна возраст и до 20 деца во воспитните групи од 2-6 годишна возраст.
OhridNews