Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, за чиишто операции е одговорна „ТАВ Македонија“, обезбеди место меѓу најквалитетните 10 авиопристаништа во источна Европа на Светските аеродромски награди што неодамна се одржаа во Париз. Глобалниот собир, традиционално организиран од реномираната британска организација „Скајтракс“, ги прогласи најдобрите аеродроми на светско ниво, но и во засебни региони.

– Вбројувањето на Скопскиот аеродром во топ 10 на источна Европа е особено значајна потврда за нашата работа бидејќи „Скајтракс“ е организација која што на глобално ниво ги истражува, следи и мери реакциите и задоволството на патниците од аеродромите. Оваа награда, како и претходните што две години по ред ги добивме од Меѓународниот совет на аеродроми, е уште еден силен сигнал дека имаме соодветно формулиран пристап во поглед на квалитетот на услугите и визија тие постојано да се подобруваат, а сè со цел нашите редовни корисници, патниците, да можат максимално да уживаат во патувањето – вели Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Наградите „Скајтракс“ беа доделени на 21-тиот саем за аеродромски услуги – Passenger Terminal Expo, што се одржа во Париз. Скопскиот аеродром беше прогласен за деветтиот најдобар аеродром во источна Европа. „Скајтракс“ е истражувачка организација основана во 1989 година и лоцирана во Лондон, Велика Британија. Тие изработуваат квалитативни процени на производи, услуги и патници, како и студии за авиокомпании, аеродроми и за поврзаните индустрии. Изминативе 16 години „Скајтракс“ ги спроведува истражувањата за најдобрите авикомпании и аеродроми во светот.

Според официјалната интернет-страна на манифестацијата, за нејзините потреби биле пополнети над 13 милиони прашалници од граѓани од 112 различни националности во периодот од мај 2014 до јануари 2015 година. Истражувањето опфатило 550 аеродроми во светот. Со него биле проверени искуствата на патниците во поглед на аспекти како чекирање, пристигнување, трансфери, шопинг, безбедност и други услужни сегменти.

Истанбулскиот аеродром „Ататурк“ пак, управуван од холдингот „ТАВ аеродроми“, беше прогласен за еден од најдобрите аеродроми во Јужна Европа, додека грузискиот аеродром „Тбилиси“, исто така под менаџмент на турскиот  холдинг, е рангиран како еден од најдобрите аеродроми во Источна Европа  на Светските аеродромски награди „Скајтракс 2015“.  Аеродромот „Рига“, во Латвија, каде што „ТАВ аеродроми“ оперираат со фришопите, храната и пијалоците и услугите за прифат и отпрема, исто така е на листата меѓу 10-те најдобри аеродроми во источна Европа.

Листа на најдобрите аеродроми во источна Европа, според Светските аеродромски награди „Скајтракс“ 2015 : Будимпешта, Талин, Киев, Рига, Белград, Тбилиси, Софија, Братислава, Скопје, Варна.

OhridNews