Скопска фирма ги купила објектите на поранешната Детска болница, која е лоцирана на Охридското крајбрежје во населбата „Свети Стефан“. На јавната аукцијата која се одржала денес била постигната цена од 11.000 денари за метар квадратен, односно за површина од 6.700 метри квадратни биле понудени 1,2 милиони евра. Според најавите, на овој простор ќе биде изграден хотелски капацитет со пет ѕвезди.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески позитивно ја оцени продажбата на двете згради, кои достигнале четири пати поголема продажна цена од почетната.
-Локалната самоуправа ќе се води исклучиво од долгорочните интереси на градот Охрид и неговите граѓани. Продажбата нема никогаш да се случи според тоа дали на градот Охрид му требаат пари или не доколку таа не содејствува со она што претставува долгорочна стратегија и визија за развој на Охрид. Атрактивното градежно земјиште ќе може да се продава во оној момент кога ние ја определуваме намената на тоа земјиште, а која што намена треба да биде во интерес на идниот развој на градот, потенцира Бакрачески.
Тој објаснува дека продажбата на државно градежно земјиште во Охрид кое не се реализира по секоја цена и е определено од долгорочната стратегија за развој на градот и позитивно ќе се одрази во приходната стапка во структурата на буџетот на општина Охрид. Еден дел од добиените средства ќе може да се наменат за враќање на големите наследени долгови на општина Охрид, а дел за реализирање на одредени проекти кои што се предвидени во програмата за работа.
OhridNews