Премиерот Зоран Заев заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и Србија, Еди Рама и Ана Брнабиќ во присуство на министрите за здравство одржаа координативен состанок, по што потпишаа Меморандум за соработка за регулирање на односите меѓу државите во услови на Ковид-19 криза.
Со овој документ трите земји ќе разменуваат искуства и ќе соработуваат во борбата против коронавирусот, како и ќе се овозможи државјани на третите земји да бидат примани во локални болници. Се истакнува и дека е важно исто така да продолжи и економската размена и трговија и соработка меѓу трите држави.
Премиерот Заев, кој беше домаќин на настанот, истакна дека со ова се поставува патот за уште посилна соработка помеѓу нашите пријателски земји.
Сакаме да го олесниме животот на нашите граѓани и да поставиме основи за економско закрепнување, рече Заев кој потоа соопшти што ќе опфаќа оваа соработка.
С. Македонија, Албанија и Србија, како што кажа, веднаш ќе почнат да работат на координација околу обезбедување на вакцина за Ковид – 19 за нашите граѓани. Земјите меѓусебно ќе се поддржуваат и ќе си помагаат доколку се случи преоптоварување на здравствените системи.
Отвораме зелени коридори за патување на нашите граѓани и економските окператори со кои се ублажуваат последиците од Ковид – 19. Граѓаните и, пред се, носителите на економијата ќе се движат помеѓу трите земји без потреба од ПЦР – тестови односно ќе се ослободат од административен и финансиски товар граѓаните на нашите држави притоа почитувајќи ги сите мерки на заштита кои се речиси идентични во сите три земји, рече Заев.
Доколку еден граѓанин на некоја од земјите потписнички се затече на територијата на друга земја и треба да се лекува таму каде што е хоспитализиран, тогаш, како што објасни тој, државата во која се лекува ќе ги преземе трошоците за тоа лекување.
Доколку некој граѓанин на С. Македонија се разболи и треба да се лекува во Албанија или Србија, тогаш нашите соседни држави ќе го покријат лекувањето и нашиот граѓанин нема да плаќа од својот џеб. Истото ќе важи и за граѓаните на Албанија и Србија доколку се затечат на нашата територија и им е потребна помош. Ова се моменти на солидарност, на трезвено размислување, и на поткрепа која си ја даваме меѓу себе, рече Заев.
Албанија и Србија исто така го потпишаа и билатералниот договор за слободно движење на нивните граѓани само со лични карти.
OhridNews