Денес и утре се денови на футсалот во Нион кога ќе бидат извлечени групите за првата квалификациска рунда за СП 2012г. како и прелиминарните групи за УЕФА Футсал купот.

 

Со внимание сигурно овие настани ги очекува селекторот на македонската футсал репрезентација, Васко Скендеровски кој воедно е и шеф на стручниот штаб на шампионот КМФ Железарец.


– Што се однесува до репрезентацијата морам да кажам дека пред се доделувањето на организацијата на ФФМ значи и признание за одлично организираниот квалификациски турнир во јануари оваа година во Скопје, кога го освоивме првото место. Добивме едноставно прилика да бидеме домаќини на силна квалификациска група за СП 2012г. Бидејќи сме носители и домаќини сигурно ќе го носиме епитетот фаворити на турнирот и затоа имаме обврска и ќе се стремиме да го освоиме првото место во групата и да се пласираме во главната квалификациска рунда. Што се однесува до можните противници од вториот шешир ги посакувам Кипар или Франција, од третиот Албанија односно Англија и што се однесува до 4. шешир добро би било да ја избегнеме незгодната Норвешка. Минатите квалификации покажавме дека успешно се носиме со најсилните селекции и мислам дека оваа генерација играчи полека созрева за големо натпреварување како што е следниот мундијал- смета селекторот Скендеровски .


Извлекувањето на квалификациските групи за СП е в четврток 7. јули во 14ч. во Нион. Ден порано , среда 6.јули ќе бидат извлечени групите за УЕФА Футсал купот.

– Ова е трета година по ред како КМФ Железарец ја добива организацијата на претквалификациска група што сигурно е големо признание и успех за македонскиот футсал. Како најдобра екипа од мак-футсалот ќе настапиме во силно натпреварување каде не очекуваат навистина квалитетни противници кои ќе им обезбедат на љубителите на футсалот во Македонија да гледаат врвни и квалитетни средби. Не би издвоил незгодни противници но го посакувам еве шампионот на Холандија, Ајднховен кој сигурно ќе биде предизвик и за нас во Железарец и за публиката, смета тренерот на КМФ Железарец Васко Скендеровски.

Извлекувањето на претквалификациските групи за УЕФА футсал купот е на програмата во 14ч. во Нион.

Ohridnews