Речиси комплетен скелет од тироносаурус бил продаден на аукција во Њујорк за 1,05 милиони долари, иако владата на Монголија ја оспорила продажбата, сомневајќи се дека бил купен по легален пат. Скелетот на тироносаурус батар, помалиот азиски роднина на страшниот тироносаурус рекс кој владеел со Северна Америка пред околу 80 милиони години, висок е 2,4 а долг 7,3 метри. Неговите остатоци биле пронајдени пред седум години во пустината Гоби.

Околу 75 проценти од скелетот се автентични, како и 80 проценти од главата, соопштил претставник на аукциската куќа „Херитејџ“, истакнувајќи дека поголемиот дел од скелетите на диносаурусите изложени во музеите се со 50 проценти или помалку автентичност. Од аукциската куќа одбиле да го откријат идентитетот на купувачот кој лицитирал преку телефон. Трансакцијата сеуште не била заклучена, бидејќи се чека одлука на американскиот суд на тужбата која минатата седмица ја поднела монголската влада, барајќи да и се врати фосилот доколку се открие дека бил пронајден на нејзина територија.