Охридските ресторани скарата ќе ја заменуваат со современи македонски јадења подготвени од богатата природна ризница од околината на градот. Како да ги подготвуваат јадењата, денес во хотелот „ Гарден“, готвачите од рестораните во градот учеа од еден од најпознатите македонски готвачи, Влатко Огненовски кој е дел и од кампањата „ Здравјето е избор“.
– Да создадеме регионална кујна за ова поднебје, затоа што имаме многу работи кои малку се експлоатираат. Да ги напуштиме старите навики на готвење месо, скарата не може да ја крстиме како национална кујна бидејќи станува збор за техника на готвење месо. Со шопска салата не се креира една кујна, имаме премногу природни богатства кои треба да се искористат. Еве да напоменам дека охридскиот регион е познат по изобилството вргањ кој го извезуваме за Италија, а јадеме шампињони кои пет пати се прскани со антибиотик, вели Огненовски.
За менијата во охридските ресторани, готвачот кој имал можност да подготвува храна во голем број познати ресторани низ светот, од Италија до Париз, Њу Јорк и Хавана, смета дека се преобемни и дека недостасува нивно кратење и внесување на стари рецепти од нашите поколенија. Како што потенцира, онаа најпримитивната кујна која ја имале нашите предци , а денес во светот ја има во најпознатите ресторани.
– Има интерес кај угостителите, а јас сакам сето мое искуство да го искористам и споделам тука и заедно да ја креираме таа револуција во храната. Обуките се во едноставни услови во пријателска атмосфера и релаксиран амбиент. Во дел од рестораните уште наредната сезона ќе ја има оваа понуда и конечно ќе и се каже збогум на скарата, додава Огненовски.
Обуките за подготовка на храна се дел од проектот „ Кон алтернативен туризам“ кој го спроведува Македонската развојна фондација за претпријатија, заедно со Локалната агенција за развој – Струга и Партнерс Албанија од Тирана во рамки на програмата за прекугранична соработка на ЕУ меѓу Македонија и Албанија. Целта на проектот е развој на алтернативните форми на туризам во Охрид, Струга , Вевчани и Дебрца.
Т.Кувенџиска