Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во Вашингтон да потпише важен договор за експлоатација на минерали со американскиот претседател Доналд Трамп, но нивната средба во Овалната соба на Белата куќа се претвори во кавга во која двајцата лидери пред медиумите се надвикуваа и расправаа околу војната во Украина.

Според последните информации посетата на Зеленски е прекината и неизвесно е дали воопшто ќе биде потпишан најавениот договор со кој Украина се надеваше дека ќе добие безбедносни гаранции од САД при евентуално решавање на крвавиот воен конфликт со Русија кој влегува во четвртата година.

Зеленски побара од САД поголеми безбедносни гаранции за да се стави крај на војната,  посочувајќи дека Путин не почитува договори и дека неговата војска се плаши од украинските војници, но тие не можат да се борат без оружје и муниција.

Доналд Трамп рече дека остриот пристап против рускиот претседател Владимир Путин би бил контрапродуктивен во постигнувањето мир меѓу Русија и Украина и ја отфрли загриженоста што ја искажа Зеленски дека тој станува премногу близок со рускиот лидер.

Па, ако не се поврзев со двајцата, никогаш немаше да имаш договор. Дали сакаш да кажам навистина ужасни работи за Путин и потоа да кажам: „Здраво, Владимир, како оди договорот?” Така тоа не функционира. Јас не сум сојузник со Путин. Не сум сојузник со никого. Јас сум сојузник со Соединетите Американски Држави, а за доброто на светот, сојузник сум со светот и сакам ова да заврши, рече Трамп на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба.

Трамп рече дека гледа голема омраза кај Зеленски кон Путин и оти му е тешко да се помири со тој вид на омраза. Додаде дека договор за мир нема да биде постигнат преку остра политика кон Путин.

Сакате да видите цврстина? Јас би можел да бидам многу цврст, но никогаш нема да постигнете договор на тој начин, рече тој.

Дискусијата брзо прерасна во вистинска расправија.

Подигнувајќи го својот глас, Трамп и Зеленски – заедно со потпретседателот Џеј Ди Венс разменија жестоки зборови околу американската поддршка и дали Зеленски покажал доволно благодарност.

Ти не си во најдобра позиција во моментов, го искара Трамп Зеленски, кревајќи го гласот.

Се коцкате со Трета светска војна, продолжи американскиот претседател.

По кавгата во Овалната соба откажана беше најавената заедничката прес-конференција на Трамп и Зеленски по што тој ја напушти Белата куќа.

Г.М.