“ Диригентот Михаил Василевич Плетнев, заедно со членовите на Рускиот национален оркестар се очекува да пристигне во петок и да го отвори фестивалот Охридско лето”, велат од Министерството за култура. “ Неговото доаѓање во Охрид не е откажано. Контактиравме со надлежните во Рускиот национален оркестар, но и со Руската амбасада во Тајланд. Од таму ни е кажано дека станува збор за недоразбирање, предизвикано од страна на жолтиот печат и дека  не се точни информациите дека Плетнев е уапсен поради обвинение за злоставување на малолетник” .

– Според нашите информации, велат од Министерството за култура и дирекцијата на фестивалот Охридско лето, диригентот бил повикан само на информативен разговор во тајландската полиција.

Од Министерството за култура, не дадоа конкретно објаснување- што ќе се случи доколку познатиот диригент, во петок, не пристигне во Охрид.

Истовремено, светските познати медиуми како што се BBC, Rojters и CNN утринава ја објавија информацијата дека основачот на Рускиот национален оркестар, славниот пијанист и добитник на престижната награда Еми, Михаил Василевич Плетнев, е уапсен во Тајланд под обвинение дека силувал 14-годишно момче. Како што наведуваат овие медиуми, рускиот композитор е уапсен по дојава на Тајланѓанец, а како дополнителен доказ, полицијата пронашла и фотографии од Плетнев и други момчиња во компромитирачки пози. Момчето се согласило да сведочи против композиторот, на кој му се заканува казна затвор од 20 години.

Како што е познато, јубилејното 50- то издание на Фестивалот Охридско лето е предвидено да започне со концертот на Рускиот национален оркестар, а под диригентска палка на Михаил Плетнев од Русија. Солист ќе биде познатиот македонски пијанист Симон Трпчески.

Т. К.

Екслузивецот на Охридско Лето, Плетнев уапсен во Тајланд