Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески не беше поканет да ги поздрави гостите и учесниците на отварањето на Вториот меѓународен саем за туризам.

„ Овој гест го сфаќам како непостоење елементарна политичка култура“, изјави градоначаникот Петрески. „Од за мене нејасни причини 10 минути пред доаѓањето овде ми јавија дека нема да ги поздравам гостите. Сум бил на многу места во светот, на многу отварања на саеми и други манифестации и секаде градоначаникот им посакува добредојде на гостите “ рече Петрески.

Тој најави дека ќе го распушти и штандот на кој се претставува општината, а и рече  доколку организаторите на саемот утре не го потпишат договорот и не платат 25 ијади евра за изнајмувавање на спортската сала, можно е, вратите на салата да бидат затворени.

„ Изнајмувањето на спортската сала чини 25 илјади евра. Ние ја изнајмивме за само 3 илјади евра колку да се покријат трошоците на јавното претпријатие. Ако до утре не се  платат 25 илјади евра, можно е, вратите на салата да се затворат“ рече Петрески. Тој беше револтиран од тоа што, општината како што рече, вложува повеќе од 20 илјади евра во саемот, а не се споменува ниту на билбордите, ниту на рекламите.

Вината за необраќањето на Петрески до гостите, директорот на Агенцијата за поддршка и презентација на туризмот, Зоран Стрезоски ја гледа во протоколот на градоначаникот. „ Можам слободно да кажам дека тоа е пропуст на неговиот протокол кој воопшто до вечерва не го  контактираше нашиот протокол, така што мислам дека господинот Петрески не треба да ги користи ваквите работи  во неговата предизборна трка“, изјави за медиумите, Стрезоски.

Тој објасни дека пред два месеци е упатено писмо до советот и до градоначалникот да се вклучат во организацијата и како што рече, од советот образложиле дека тие ќе ја поддржат манифестацијата, но кажале и оти  градоначалникот нема да ја поддржи. „Ние тоа го прифативме, но неговите зборови беа и вакви:еве премиерот ви е покровител, вие организирате со државата, што имам јас да помогнам“, кажа Стрезоски.

На отворањето на вториот туристички саем кое мина во сенка на скандалот, не присуствуваше премиерот Груевски, иако е покровител и беше најавен дека ќе го отвори саемот.

А.Ристоска