Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати до граѓаните, по повод трагедијата што рано утрово се случи во Кочани.

Сите сме во шок, и самата сум шокирана: како мајка, како човек, како претседателка. Сè уште не можам да поверувам дека ужасната трагедија во Кочани е реалност. Не знам со кои зборови да им изразам сочувство на родителите и најблиските на погинатите. Вашата неизмерна болка е и моја. Утринава ги посетив болниците. Пред нив ме дочекаа родителите на повредените, со надеж и доверба во медицинскиот персонал. И јас, како нив, верувам дека ќе го сторат не само можното, туку и неможното за да им помогнат на нивните сакани, го почна обраќањето претседателката на државата.

Таа истакна дека државата не е сама во оваа трагедија о оти помош понудиле не само соседите, туку и подалечните држави.

Најтешко повредените се транспортираат на специјализираните клиники во Бугарија, Србија, Грција и Турција заради добивање врвна медицинска помош и интервенција. Добрите луѓе од целиот регион, Европа и Светот се со нас. Никогаш нема да го заборавиме овој добродетелски чин. Вечно ќе им бидеме благодарни, рече Давкова Сиљановска.

Таа упати апел до нацијата да се сплоти во болката, посочувајќи дека не е време за делби и конфронтации, особено кога се во прашање млади луѓе, чиј живот за миг згасна заради самоволие, импровизација и манипулација.

Без стандарди и правила не смее да функционира ниту една дејност и активност. Ниту еден одговорен овој пат не смее да ги избегне правото, правдата и казната! Да не ја сквернавиме невината жртва на погинатите, да ги здружиме силите околу преживеаните. Да не дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе. Никогаш повеќе да не ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето за профитот и богатството на поединците. Ништо не е повредно од човечкиот, а особено од младешкиот живот, рече Давкова Сиљановска.

Г.М.