Секое утро иста песна. Расфрлано ѓубре на сите страни, по паркови, плажи, шеталишта, улици. Корпите за ѓубре некои преполни, некои празни ама превртени и истурени. Оваа грда слика е охридско секојдневие секое утро.


градскиот парк во центарот на градот околу 6 часот

И секое утро комуналците ги средуваат парковите и шеталиштето и чаршијата во центарот на градот- лицето на градот. Но ништо не е подобра состојбата и во другите делови. Жителите од повеќе улици блиску до центарот, но и од периферијата се жалат дека има недостиг на контејнери и дека ѓубрето поради тоа се фрла на куп до контејнерите што исто така претставува грда слика.

Во  туристичкиот шпиц  обемот на работа на ЈП „Охридски Комуналец“ се удвојува, изјави неодамна за ohridnews“, в.д. директорот  Боро Павлоски.  Во летниот период ангажираноста на службите за подигање смет е 100%, а обемот на работа посебно  се зголемува за време на викендите, вели Павлоски, според кого најголем проблем сепак претставува недисциплината на граѓаните во централното градско подрачје.

Од друга страна пак фактите покажуваат дека јавното комунално претпијатие во Охрид работи со недоволен број  и застарени возила. Издржливоста на работниците е на вистински тест бидејќи ниту нивниот број не е доволен. Вака е со години. Се води битка против „несовесните“ граѓани со лимитирани можности.

Сликата како оваа што ја објавивме денеска е охридско секојдневие. Веројатно нема да е поинаква доколку има и двојно поголем број комуналци и нови возила, а навиките на народот останат исти. Но затоа пак за да се среди центарот трпат граѓаните во другите делови во градот. Таму недостигаат контејнери, а сметот не се подига навреме. Веројатно дека и граѓаните имаат лоша навика да фрлаат ѓубре кога ќе им текне, но тоа во секој случај не ги оправдува градските власти кои под итно треба да ги зголемат капацитетите на комуналната служба, а против прекршителите на комуналниот ред се знае, има инспекции, редно е тие да поработат нешто, ама со одврзани раце.

Г. Момироски