Под мотото „Чиста и Европска Македонија“, денеска во голем број општини во Македонија, меѓу кои и во Охрид, ќе се одржи еколошка акција.

Акцијата која заеднички ја организираат  Владата, општините и граѓанската асоцијација „Ден на дрвото“, има за цел да ја подигне јавната свест за поголема заштита на животната средина На акцијата во Охрид и претходеше големо септемвриско чистење на охридските улици што го спроведе јавното комунално претпријатие, кое беше активно и во текот на вчерашниот ден. Кон акцијата  се очекува да се приклучат голем број граѓани, а свој придонес ќе даде и министерот  за финансии Трајко Славески, кој ќе учествува во чистењето на Охрид.

Силна подршка акцијата доби и од Општината која ги повика граѓаните, институциите, стопанските субјекти и граѓанските организации да земат учество  во чистењето на животната средина.
        
Чистењето ќе се одвива на потегот од Подмолје до Охрид,  од “Билјанини Извори” до манастирскиот комплекс “Свети Наум”, од градските гробишта до Буково и  во границите на Националниот парк “Галичица”.  Општината за сите кои ќе се вклучат во акцијата ќе организира и превоз од булеварот “Туристичка” наспроти маркетот “Макси Д”, од кај новата автобуска  и од пред “Охридска банка ” кај градскиот пазар. Автобусите ќе поаѓаат од овие локации почнувајќи од 9 часот и 30 минути, на секои половина час, до 11 часот.

Акцијата „Чиста и Европска Македонија“ се спроведува непосредно по донесувањето на Законот за јавна чистота кој предвидува високи казни за загадувачите на животната средина. Граѓаните ја поздравуваат акцијата, иако како што велат, треба секојдневно сите да водат грижа за животната средина. Дел од нив имаат забелешка на денот кога се организира акцијата, кој се поклопува со големиот верски празник Рожденство на Пресвета Богородица (Мала Богородица).

Оhridnews