Министерството за здравство соопшти дека сите вакцинални пунктови низ државата ќе работат и во текот на утрешниот ден.

Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат утре ќе може да го направат тоа, како и секој друг работен ден, информираат од Министерството.

Во период од 6 август до 4 ноември на територијата на државава како позитивни на Ковид-19 се потврдени 48.955 граѓани. Од нив 28 отсто, односно 13.886 лица, биле целосно вакцинирани.

Според статистиката за изминативе два месеци, 35.069 граѓани, односно 72 отсто, од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 78 отсто, додека само 22 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, ова го покажува анализата на вакцинирани од позитивни случаи со Ковид-19, што денеска ја објави Министерството за здравство за период од 6 август заклучно со 4 ноември.

Во период од 6 август до вчера (4 ноември) на територијата на државата починале 1.688 пациенти со Ковид-19. Од нив 1.376 пациенти односно 82 отсто не биле вакцинирани, а само 18 отсто, односно 312 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.

OhridNews