Сите основни училишта во Општина Охрид поднеле барања до Комисијата за заразни болести, да им се овозможи одржување настава со физичко присуство на ученици и во класови над дозволеното ограничување од 1 до 3 одделение.
Основните училишта имаат различни барања за обемот на настава со физичко присуство, во зависност од нивни услови, вели Јоне Станкоски, раководител на Секторот за образование и култура во Општина Охрид.
Барање за организација на наставата со физичко присуство на ученици доставиле и трите средни училишта во градот.
Согласно утврдената процедура, во рок од 7 дена Комисијата за заразни болести треба да ги разгледа барањата и условите на охридските училишта за организација на наставата со физичко присуство и да се изјасни по истите. Тоа значи дека најдоцна до 17 септември ќе знаеме на кој начин и во кој обем со физичко присуство ќе се одвива наставата во основните и средните училишта во Општина Охрид. – истакна Станкоски.
Во Дебрца, истоименото и единствено основно училиште во општината, исто така испратило барање за организација на наставата со физичко присуство на ученици.
Г. Момироски