Сите независни кандидатски листи за советници и градоначалник на Охрид ги собраа потребните потписи на учество на претстојните локални избори, информираат од подрачната единица на Министерството за правда.

Крајниот рок за собирање на потребните потписи истече ноќеска на полноќ. Раководителот на подрачната единица на Министерството за правда, Елена Илиќ, рече дека во рамките на активностите за собирање потписи за десетте листи за кандидати за претседател на РМ, осум листи за кандидати за советници во Општина Охрид, како и две листи кандидати за функцијата градоначалник, свој потпис дале вкупно 7213 граѓани. Свои листи за идниот состав на советот на Општината Охрид имаа поднесено независните кандидати Петре Петрески – Калимеро, Љупчо Настоски, Владо Цветкоски, Сашо Ристески, Никола Пулески, Борис Стојаноски, Љупчо Нечкоски и Тома Трајаноски. За функцијата градоначалник на Општина Охрид потписи собра кандидатот Владо Рувинов – Љац и за градоначалник на Општина Дебрца, Наумче Мицески.

Ноќеска на полноќ истече законскиот рок за вршење на јавен увид во единствениот избирачки список.Од подрачната единица на Министерството за правда во Охрид денеска беше соопштено дека во законскиот рок заклучно со 3 февруари на полноќ јавен увид во единствениот избирачки список извршиле вкупно 7872 граѓани. Истовремено во избирачкиот список се извршени нови запишувања на 12 граѓани, за шест граѓани се извршени промени во податоците, додека по службена должност од списокот се избришани 56 лица или вкупно се извршени 74 промени во единствениот избирачки список.

Ohridnews