Советникот на премиерот, Фатмир Битиќи, на прес конференција ги соопшти деталите околу најновиот сет мерки на владата за помош на граѓаните поради кризата со коронавирусот. Битиќи информира дека корисници на платежната картичка може да бидат невработени лица, баратели на работа кои немаат над 15.000 денари месечни приходи, како и примателите на гарантирана минимална помош. Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра.
Со цел активирање на домашниот туризам ќе се воведат ваучери во вредност од 6,000 денари за користење во домашните хотели и други сместувачки капацитети, а граѓаните ќе добијат и платежна картичка од 3,000 денари за купување на домашни производи и услуги. Со оваа мерка се опфатени сите вработени граѓани што примаат нето плата помала од 15.000 денари месечно и немаат други приходи. Тоа значи дека без разлика на месечните примања на едно домаќинство, членовите од семејството кои имаат лични примања под 15.000 денари месечно можат да бидат корисници на домашниот туристички ваучер и платежната картичка. Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра.
За младите се наменети три посебни мерки:
- Парична поддршка за млади дo 6,000 денари за покривање на партиципација во Универзитет или за сместување во студентски, ученички домови и регистрирани сместувачки капацитети за студенти и средношколци кои доаѓаат од семејства со ниски приходи.
Платежна домашна картичка од 3,000 денари за домашни производи и услуги за да се обезбеди куповната моќ, како придонес кон студентскиот и средношколскиот стандард.
Ваучери до 30,000 за кофинансирање за обуки за ИТ и дигитални вештини за подржување на младите да бидат конкуренти на пазарот на труд и брзо да се вработат во новата развојна економија.
Сите лица кои останале без работа од 11 март до 30 април 2020 ќе добијат паричен надоместок за два месеци, вклучувајќи ги и оние кои го прекинале својот работен однос преку писмена изјава, спогодбено но и добиле отказ од работодавачот.
Вториот столб од овој сет мерки нуди Директна поддршка на македонското стопанство – иновативност и развој за зачувување на постојните и за нови работни места.
Преку Бескаматните кредитни линии за сите микро и мали компании, во вредност од 31 милион евра, преку Развојната Банка на Северна Македонија, се нуди 30% грант како поддршка за жените, младите, фирми кои воведуваат дигитализацијата во бизнисот или пак се извозно ориентирани.
Со мерката – Државна гаранција за комерцијални кредити и за обезбедување на царинскиот долг државата става на располагање финансиски средства за поддршка на Старт ап и мали и микро компании преку комерцијални банки со 10 милиони евра иницијален капитал за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик.
Со 3 милиони државна гаранција за обезбедување на царинскиот долг се поддржува извозот и се олеснува пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на Република Северна Македонија.
Со третиот столб од овој сет мерки, се дава поддршка за земјоделците за нови приходи.
Повеќе информации за мерките може да се најдат на интернет страната на владата.
OhridNews