Неодамна Советот на Општина Охрид донесе Декларација за заштита на Езерото во која меѓу другото и дел од плажите издадени под концесија се посочуват како жешки еколошки точки. Советот посочи дека дел од концесионерите го нарушуваат литоралот на Охридското Езеро со изградба на објекти без дозвола. На забелешките на Советот се надоврза и научната јавност која ја оспори урбанизацијата на плажите. Сите концесионери задолжително треба да имаат изготвено еколошки елаборат за плажите смета проф. д-р Здравко Крстаноски од Хидробиолошкиот институт.
Плажите треба да имаат еколошки елаборат – проф. Крстаноски
Во Министерството за животна средина со чудење гледаат на ваквата забелешка на научната јавност бидејќи, како што велат оттаму, сите плажи издадени под концесија на охридската ривиера имаат еколошки елаборат. „Без еколошки елаборат плажите не ќе можеа да добијат дозвола за вршење дејност и не ќе работеа“, ни изјави државниот секретар во Министерставото за животна средина, Дејан Паноски.
Сите плажи издадени под концесија имаат еколошки елаборат – Паноски
Тој смета дека Декларацијата за заштита на Охридското Езеро како заложба е добра иако според него е задоцнета. Паноски вели дека дел од посочените забелешки се во надлежност на државата, но добар дел од нив се во надлежност на локалната самоуправа. Државниот секретар посочи дека отпочната изградба на колекторот, билатералниот договор со Албанија за заштита на Езерото, забраната за користење фосфтани детергенти и репарацијата на пумпните станици за пречистување на отпадните води се конкретни мерки кои ги презела државата. Тој посочи дека локалната самоуправа е одговорна за третманот на отпадните води и отпадот и дека само доколку и градот и централната власт ги исполнуваат своите обврски Охридското Езеро ќе биде заштитено.