Државната изборна комисија (ДИК), утрово од Битола почна со преземање и дистрибуција на избирачкиот материјал за претстојните Локални избори што ќе се одржат вo недела.

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски изјави дека станува збор за доверлив материјал кој содржи гласачки ливчиња и изводи од избирачкиот список.

Се е подготвено и денес ќе се дистрибуира цел материјал затоа што активностите ги почнавме во раните утрински часови со цел материјалот на време да пристигне во сите општини. Утре ќе ги предадеме и уредите за биометриска идентификација на гласачите во сите ОИК и изборната комисија за Град Скопје. На овие Локални избори има рекорден број на кандидатски листи, а тоа значи и многу материјал кој навреме ќе се дистрибуира, посочи Даштевски.

Во битолската печатница „Киро Дандаро“ отпечатени се околу 4,5 милиони ливчиња и материјал што го придружува избирачкиот материјал за реализација на изборите, истакна Драги Милошевски, генерален менаџер на печатницата.

Овие гласачки ливчиња заштитени со над 20 заштити и не е можно никакво фалсификување, ниту пренесување на ливчиња од едно на друго избирачко место затоа што сите ливчиња се обележани и заштитени. За печатење на избирачкиот материјал потрошивме околу 40 тони хартија за ливчиња и дополнителни 20 тони хартија за записници. Изработивме гласачки ливчиња за 80 општини и Град Скопје, за секоја општина посебни ливчиња, потоа ливчиња кои некаде се двојазични или тријазични во зависност од општините и се што отпечативме беше во зададениот рок, односно за 20 дена, потврди Милошевски.

Локалните избори ќе се одржат во недела на 17 октомври на 3480 избирачки места во 80 општини и Градот Скопје. Гласањето за изборите почнува во сабота, а први ќе гласаат болните и немоќните, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во старските домови.

OhridNews