Подготовките за празнувањето започнаа минатата недела со чистење и уредување на просторот во и околу црквата и миење на приборот за големиот ручек.
Традиционално од пред неколку дена подигнат е и камп во околината на црквата, каде моментно има преку 100 шатори. За вечерва предвидена е богата културно-уметничка програма на која ќе настапат повеќе играорни групи, фолк пејачката Тања Лазаревска и групата „Камелеон“.
Утре во Скребатно ќе се одржи голем црковно-народен собир кој започнува со пеење и вадење на иконите од црквата посветена на Пресвета Богородица. Ќе се одржи и традиционалното наддавање за бајракот, по што ќе биде осветена вода. Прекрасната традиција ќе имаат можност да ја доживеат и учесниците на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, кои денеска ќе го посетат Скребатно.