И по 48 часа откако моќната лавина практично го збриша хотелот „Rigopiano“ во горскиот масив Гран Сасо во централниот италијански регион Абруцо, десетици спасувачи кои неуморно го пребаруваа хотелот под слоевите снег и остатоци од објектот наишле на десетина преживеани, и спасени се сите деца, а експертите се надеваат дека може да има уште живи луѓе кои во моментот на несреќата се наше во зградата, пренесува „Макфакс“
Спасени се четирите деца кои беа прогласени за исчезнати, потврди италијанскиот Црвен крст во петокот вечерта, откако во текот на квечерината биле спасени три деца.
Досега се извлечени пет луѓе, од кои четири се деца, а уште пет лица кои се лоцирани чекаат безбедно да бидат извлечени.
Седумгодишно момченце и неговата мајка беа извлечени од купиштата снег рано попладнето. Спасувачките екипи се обидуваа да извлечат уште пет преживеани и трагаат за повеќе од петнаесет исчезнати.
Првата група од шестмина преживеани беше пронајдена претпладнето во петокот во воздушен џеб во потпокривната конструкција на малиот хотелски комплекс кој од моќта на лавината беше изместен десетина метри од својата конструкција, изјави портпаролот на противпожарната служба, Лука Кари.
Објавена е снимката на мајката и детето кои со аплауз од спасителите се пробиваат од ровот прокопан во снегот до затрупаниот хотел. Нивниот сопруг и татко, кој во моментот на несреќата се симнал до автомобилот да земе некои предмети, беше првиот кој алармираше за лавината.
„Потрагата продолжува. Се надеваме дека има уште воздушни џебови“, изјави спасувачот Марко Бини.
Според процените, во моментот на несреќата во хотелот имало триесетина гости и членови на персоналот. Телата на две лица беа пронајдени во четвртокот, што значи дека има уште 12 живи.
Лавината е покрената по четирите силни земјотреси со магнитуди меѓу 5,1 и 5,4 степени кои во средата ја погодија централна Италија. Хотелот „Rigopiano“ е оддалечен 90 километри од епицентарот на потресите во Монтереале, селце близу Аматриче, уништен во разорниот земјотрес од август минатата 2016 година.
Веднаш беше издадено предупредување од лавини за целата област со кој доминира величествениот 2.912 метри висок Гран Сасо.
Оваа област е преполна со мали хотели и скијачки терени кои се особено популарни меѓу жителите на Рим и на урбаните центри на источниот италијански брег.
OhridNews
извор: „Макфакс“