Челниците на сите 28 земји членки на Европската унија, како и челниците на европските институции, вчера дадоа заедничка изјава во која изразуваат сочувство на семејствата и блиските на жртвите во терористичките напади во Брисел и солидарност со Белгија, а истото го сторија и светските челници.
-Европската унија жали за жртвите на денешните терористички напади во Брисел. Тоа е напад врз нашето отворено демократско општество. Нашите заеднички европски институции се сместени во Брисел, благодарејќи на великодушноста на владата и народот на Белгија. Европската унија и нејзините земји членки цврсто стојат раме до раме со Белгија во солидарноста и се решителни да се соочат со оваа закана заедно и со сите потребни средства, се вели во заедничката изјава на ЕУ.
Белгиските медиуми објавија снимки од безбедносните камери на кои се гледаат три момчиња како туркаат колички со багаж низ аеродромот „Завентем“ и наведуваат дека полицијата ги смета за осомничени за нападот. Белгиската влада вчера прогласи тридневна национална жалост. Границите во првите часови по нападите беа затворени, а подоцна е зајакната контролата на сите гранични премини од земјата.
Брисел вчера рано утрото беше цел на координирани терористички напади еден со огнено оружје и самоубиствени бомбашки напади во терминалот на меѓународниот аеродром „Завентем“ и во станицата на подземната железница „Малбек“, во близина на ткн европски кварт, неколку стотина метри каде што се сместен институциите на ЕУ.
Според досегашните потврдени информации 14 луѓе се убиени на аеродромот и 20 во метро станицата, а ранети се вкупно 230 луѓе, од кои десетина се во критична состојба.
OhridNews
Извор:„Макфакс“