Министерот за образование и наука Никола Тодоров рече дека со усвојувањето на Националната рамка на високообразовните квалификации на македонските граѓани ќе им се овозможи препознавање на стекнатите квалификации со европскиот високообразовен простор и пазарот на труд.
„Со Националната рамка на високообразовните квалификации ќе им се овозможи на високообразовните установи, работодавачите, родителите, идните студенти и останатите да ги разберат постигнувањата и особеностите на стекнатото звање и начинот на кој квалификациите се поврзани меѓусебно“, образложи Тодоров.
Тој додаде дека со тоа ќе се обезбеди и поддршка на високообразовните установи , студентите и останатите при разјаснувањето на потенцијалните правци за напредувањето и преносот на кредитите особено како што рече во контекст на поширокото учество во процесот на доживотно учење.
Исто така со Националната рамка е предвидено да се осигурува меѓународна конкурентност и олеснување на мобилноста на студентите и дипломираните.
Според Тодоров Националната рамка ќе им помогне на високообразовните установи во постапката на надворешното оценување на квалитетот преку донесување на појдовните точки за воспоставувањето и определувањето на академските стандарди.
Националната рамка како што посочи министерот Тодоров е всушност иснтрумент за воспоставување на високообразовните квалификации стекнати во Република Македонија со која се даваат основите за прегледноста, пристапот, проодноста, стекнувањето и квалитетот на квалификациите.
Така работодавачите во конкурсите за вработување ќе треба да наведуваат дали имаат потреба од стручни кадри со завршени 180 кредити или со завршени 240 кредити.
извор: „Макфакс“