Грчката левичарска партија СИРИЗА победи на предвремените парламентарни избори во Грција кои се одржаа вчера, покажуваат прелиминарните официјални резултати, пренесуваат грчките медиуми, јавува „Макфакс“.

Според соопштението на грчкото министерствот за внатрешни работи, по пребројани 20,11 проценти од гласовите, СИРИЗА освоила 36,2 проценти и ќе има помеѓу 149 и 151 место во 300-члениот парламент, пренесува агенцијата АНА. 

На второ место е партијата Нова демократија на сега веќе грчкиот премиер во заминување Андонис Самарас, со освоени 29,14 отсто од гласовите.

Изборната победа на Ципрас преставува историско случување за земјата поради тоа што тој наверојатно ќе биде првиот ултра левичарски премиер на Грција, а исто така и најмлад грчки премиер во поновата грчка историја.

Ципрас е роден на 28-ми јули 1974 година, клучна за политичките промени во Грција бидејќи тогаш беше срушена воената диктатура која што ги прогонуваше левичарите и комунистите. Тој важи за атипичен политичар за грчки услови, а тајната на неговиот успех е во тоа што не припаѓа нити на социјалистичката Пасок, нити на конзервативците на Нова демократија.

Ципрас исто така претставува освежување во грчката традиционален политички спектар поради тоа што избирачите на двете етаблирани партии кои со децении се предводени од познатите политички династии, веќе се презаситени.

Политичките аналитичари се согласуваат дека Ципрас не би успеал без внимателно планирање, а клучниот став кој го одвојува од останатите политичари е доследната позиција дека решението е во рацете на Атина, ако успее да се оттргне од ригорозните барања за штедење кои пред неа ги постави Европската унија (ЕУ).

Политичките противници на Ципрас му замеруваат за неискуството, коментирајќи дека само после неколку години во парламентот, без искуство во финансиските и правните работи, Ципрас би бил „до гуша“ во проблеми, кога би се нашол на преговарачка маса со претставниците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) или Европската централна банка (ЕЦБ).

Ципрас и претставниците на СИРИЗА веруваат дека кредиторите ќе се согласат за нови преговори околку отплатата на долгот на Атина, кога ќе бидат соочени со левичарска влада со силни мандати. Дека Цирпас ќе остане доследен на своите предизборни ветувања говори и неговата изјава дека „може да се променуваат позициите, но не и своите принципи“.

OhridNews
извор:„Макфакс“