Со традиционалното садење дрво во „Паркот на поезијата“ неофицијално се означи почетокот на „Струшките вечери на поезијата“. Во паркот дрва засадија јапонскиот композитор и пијанист Кенсаку Таникава, син на годинешниот лауреат на „Златниот венец“, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, како и специјалниот гостин, лауреатот на СВП во 2020 година, израелскиот поет Амир Ор.

На мојот татко многу му беше жал што не е присутен физички, но со срцето е овде – рече синот на лауреатот, Кенсаку Таникава.

Поранешниот лауреат, пак, Амир Ор, изрази големо задоволство што на неговиот пријател Шунтаро Таникава годинава му е доделен „Златниот венец“, како и дека повторно ја посетува Струга.

Дозволете ми да изразам искрена благодарност за честа да ја добијам оваа ценета награда. Се чувствувам привилегирано и голема чест ми е што станав член од избрана група лауреати. Бев многу задоволен кога слушнав дека и на мојот пријател Шунтаро Таникава ќе му биде доделен венецот. Навистина вистинска радост! Една приказна вели дека многу одамна, кога класичниот кинески поет Баи Џу-Е го прашале како знае дека песната е добра, тој рекол: „Едноставно ќе слезам во продавницата за риби и песната ќе ѝ ја покажам на продавачката. Ако ѝ се допаѓа, ја објавувам“. Зошто го кажувам ова?! Затоа што Таникава е токму ваков вид уникатен поет, кој може со истата песна да ги допре срцето и умот и на софистицираниот познавач и на лаичкиот љубител на поезија. Честитки, драг Шунтаро – изјави поранешниот лауреат Амир Ор.

Во „Паркот на поезијата“ во Струга минатата година беа обновени педесетина спомен-плочи од сите досегашни лауреати на „Струшките вечери на поезијата“.

На плочките се отпечатени имињата на лауреатите, заедно со земјата на нивното потекло и се отпечатени кјуар-кодови кои при скенирање со мобилен телефон ги водат корисниците до специјално создадени линкови на веб-страницата на „Струшките вечери на поезијата“, на конкретниот лауреат каде што може да се погледне неговата биографија и неговата поезија.

OhridNews