Според непотврдени информации, при нападите на британската авијација на Сирт, ал-Ислам ги загубил двете раце. Иако бунтовниците вчера објавија дела тој е ликвидиран, во отсуство на било каков доказ странските медиуми сметаат дека тој и натаму е во бегство.
Саиф се споменуваше како најсериозен кандидат за наследник на Гадафи.
Инаку вчера рано утрото Авион со 140 тешко повредени државјани на Либија слетал на меѓународниот аеродром во Солун. На аеродромот повредените биле пречекани од конвој амбулантни возила. Засега нема други детали поврзани со овој настан.
Мртвото тело на Гадафи на излог – светот згрозен, Русија бара одговори
Телото на убиениот Моамер Гадафи јавно е изложено во фрижидер во шопинг-центар во Мисрата. Новинари од цел свет отидоа во Либија, за да го снимат доказот дека Гадафи е навистина мртов, додека новите либиски власти не можат да се договорат што да прават со телото.
Жителите на Мисрата, градот кој што силите на Гадафи го држеа со месеци, чекаа во долги редови за да го видат мртвото тело на соборениот претседател. Мажи, жени и деца се сликале со замрзнатиот леш, а чуварите дури организирале одвоени тури за семејства и поединци.
Истовремено јавноста во Велика Британија и Соединетите Американски Држави стекна впечаток дека медиумите отидоа предалеку во прикажувањето на шокантните сцени од смртта на либискиот лидер, убиен во четвртокот во близина на неговиот роден град Сирт.
Телевизискиот канал „Араи“ со седиште во Сирија, која го поддржуваше Гадафи за време на вооружениот конфликт, објави соопштение на семејството на соборениот лидер на Либија, во кое се бараат телата на Гадафи, неговиот син Мотасим и другите кои беа убиени завчера при завземањето на градот Сирт.
„Ги повикуваме Обединетите нации, Организацијата за исламски конференции и Амнести Интернешенел да го принудат Националниот преоден совет да ги предаде телата на мачениците на нашето племе во Сирт и да му дозволи да направи погреб по исламските обичаи и правила“ се вели во соопштението.
Смртта на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи поттикнува „многу прашања“, како тоа за законитоста на нападите на НАТО на неговиот конвој, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Одлуката (на меѓународната зедница) беше дека го загубил легитимитетот и мора да си замине. Начинот на кој умре поттикнува многу прашања“, рече Лавров во изјава за руско радио.
„Посебно нè интересира дејствувањето на НАТО од позиција на меѓународното право“, додаде Лавров.
Тој потсети дека воздушните напади во Либија ги одобри Советот за безбедност на Обединетите нации(ОН) исклучиво за да се почитува забраната за летови воведена заради заштита на цивилите.
„Не постои никаква врска меѓу зоната за забрана на летови и нападите на цели на земја, во овој случај конвојот на Моамер Гадафи“, нагласи Лавров.
„Исто како што не може да стане збор за заштита на цивили, бидејќи тој конвој никого не напаѓаше, туку може да се каже беше во бегство“, рече шефот на руската дипломатија, додавајќи дека треба да се поведе истрага за околностите што доведоа до смртта на Гадафи.
НАТО вчера соопшти дека не знаел дека Гадафи е во конвојот што ден претходно го нападна во Сирт и дека дури после дознал дека „веројатно помогнал“ во неговото заробување.
Лавров потсети дека според Женевската конвенција воените заробеници не смеат да се убиваат.
извор: „Макфакс“