Светиот архиерејски Синод на Македонската православна црква – МПЦ, на претстојниот црковно народен собор, што ќе се одржи во Охрид во првата недела од октомври, нема работно да заседава, изјави за Ohridnews портпаролот на МПЦ, митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј.

Поради неусогласени ставови на членовите на Синодот околу точките на дневниот ред, работна седница за време на црковно народниот собор во Охрид нема да има, ни изјави во телефонски разговор, владиката Тимотеј. Притоа тој не потенцираше за какви несогласувања станува збор. Во Охрид ќе се одржи само свечена седница со која ќе се одбележи јубилејот 50 години од Првиот црковно народен собор на кој беше донесена одлуката за возобновување на Охридската архиепископија во лицето на автокефалната Македонска православна црква, рече г. Тимотеј.

Неофицијално, покрај свечената, во Охрид во октомври требаше да се одржи и работна седница на која според непотврдените најави требало да се расправа  за измени во Уставот на МПЦ, како и за други сериозни прашања кои предизвикаа големи турбуленции во црквата. Работна седница на Синодот ќе има велат од МПЦ, но кога таа ќе се одржи засега останува отворено прашање.

Г. Момироски