Кошаркарскиот клуб АВ Охрид со поените на Рос Кенет со звукот на сирената стигна до значајна победа во Битола против Пелистер (78-77) во петтата рунда од Првата македонска кошаркарска лига.
Во поголем дел од мечот „галебите“ имаа водство, кое на моменти достигна и 15 поени. Упорните домаќини не се предадоа и успеаја да ја надохнадат негативата и да го преземат водството на три секунди од крајот на мечот (77-76). Тогаш на сцена стапи Рос Кенет кој погоди за „сино бела“ експлозија од радост во салата Младост во Битола.
Натпреварот на паркетот помина во фер и коректна атмосфера, што не беше случај на трибините. Дел од малкуте подржувачи на Пелистер не бираа средства да ги навредат кошаркарите, стручниот штаб и сопственикот на охридскиот клуб, Милчо Донески и членовите на Фудбалската школа Фер Плеј од Охрид кои исто така беа дел од драматичниот финиш во Битола. Малку фалеше да избие и инцидент, но полицијата навреме ги обезбеди охриѓани кои со ништо не придонесоа за ваков развој на трибините.
Исто така вреди да се напомене дека гостинската клупа на која седеше составот на Охрид и онаа официјалната на која е делегатот немаа заштитна ограда, што не е дозволиво според прописите на МКФ.
„Галебите“ од мечот со Пелистер сигурно ќе ги паметат само бодовите и победничкиот кош, бидејќи беше далеку од спортски натпревар. Да биде во духот на спортот се погрижи коментаторот кој од срце се израдува на победничкиот кош на Рос Кенет. Уживајте !
Прва лига: Победа со звукот на сирената на Охрид во Битола ! (видео)
Михаил Постоловски