На 30-тина километри северно од Охрид, постои едно водно живеалиште кое е од големо значење. Тоа е Белчишкото Блато или во народот познато како Сини Вирој, кое слободно може да се нарече синиот бисер на Дебрца. Блатото за среќа е најзачуваното и најголемото преостанато живеалиште од овој тип во нашата држава со површина од 137 хектари.
На Светскиот ден на водните живеалишта и половина век од донесувањето на Рамсарската Конвенција за водните живеалишта од меѓународна важност, особено за водните птици, потсетуваме на прекрасните убавини на оваа природна реткост, каде живеат заштитени и ретки видови од флора и фауната.
Здружението за екологија и туризам Екотуризам 2016 од Охрид од средината на 2020 г. работи на изработка на студија за валоризација на природните и социо-економските вредности на блатото. Студијата е основниот документ кој води кон прогласување на заштитено подрачје и негово одржливо управување во иднина. Освен студијата околу блатото во тек е изградба на дрвена инфраструктура за развој на екотуризам и едукација.
OhridNews