Пишува: д-р Кристина Митреска доктор по општа медицина
Сте виделе ли како некои ваши познаници во зима имаат бледи или цијанотични (сини) прсти? Или можеби Вам ви се случува тоа? Сте се запрашале ли за што всушност станува збор? Се работи за „Реноов феномен“, кој се карактеризира со епизоди на дигитална исхемија клинички манифестирана со триплет на симптоми кои се јавуваат по изложување на прстите од рацете или нозете на ладно: бледило, цијаноза и црвенило.
Малите артерии што ја снабдуваат кожата со крв при стрес или ладно се стеснуваат и ја намалуваат циркулацијата во погодените подрачја, прстите од рацете или нозете. Иако најкаракарактеристичен е триплетот на симптоми, некои луѓе можат да имаат само бледило и цијаноза, а други само цијаноза.
Постојат два типа на овој феномен, примарен или „Болест на Рено“ и секундарен „Реноов феномен“. Примарниот „Реноов феномен“ е со непозната етиологија. Жените заболуваат 5 пати почесто отколку мажите и најчесто е присутен меѓу 20. и 40. година. Секундарниот „Реноов феномен“ е клиничка манифестација на веќе позната болест која предизвикува вазоспазам т.е. стеснување на крвните садови како при СЛЕ (системски лупус еритематодес), РА (ревматски артритис), при неврололошки заболувања, болести на крвта, вибраторни повреди, удар од електрична струја, болест на дактилографи и пијанисти и лекови како бета-блокатори, цитостатици.
За потврдување на дијагнозата најчесто доволна е анамнезата (кажувањето) на пациентот и клиничкиот преглед. Прстите најчесто прво стануваат бели, а потоа можат да помодрат. По подобрување на циркулацијата стануваат црвени. Се јавува и оток и тапа, па дури и остра болка во прстите. Помеѓу напади на „Ренооовиот феномен“ прстите можат да бидат топли и интензивно да се потат.
Што треба да направат луѓето што се погодени од овој феномен?
Да преземат превентивни мерки
Носете ракавици и дебели памучни чорапи при изложување на студ. Облекувајте се слоевито така што ќе можете да ја контролирате топлината на телото. Користете материјали што ја задржуваат топлината како волна. Подобрете ја циркулацијата со секојдневни лесни вежби. Повремено практикувајте релаксирачка масажа на цело тело. Престанете да пушите. Ограничете ја конзумацијата на алкохол и кафе бидејќи и кофеинот кај некои луѓе со „Реноов феномен“ може да предизвика напад на бледи или цијанотични прсти. Внесете во исхраната магнезиум, флавоноиди, витамин Б и Е и есенцијални масни киселини. Пијте чај од ѓумбир или коријандер со додаден цимет. Уживајте во релаксирачки топли купки барем 2 пати неделно.
Текстот е објавен во магазинот „Наше Здравје“
на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм“