Синдикатот за индустрија енергетика и рударство -СИЕР, при АД ЕМО-Охрид, денеска изрази разочараност од одлуката  на Владата да ја стопира продажбата на компанијата на 48 часа пред јавното наддавање што требаше да се одржи утре.

Повлекувањето од берза на акциите ЕМО во момент кога тие достигнуваат цена за 30% поголема од номиналната која изнесува 30 евра и кога има заинтересирани купувачи за нас како вработени претставува разочарување, затоа што сметавме дека со продажбата на државниот капитал ќе заврши агонијата на работниците преку чиј грб постојано земаат поени политичките партии кои се на власт и тоа се случува постојано последниве години, изјави денеска претседателот на СИЕР-при АД ЕМО, Драган Молкоски.


Драган Молкоски-СИЕР

Стравуваме дека намерите на владата за пронаоѓање стратешки партнер преку тендер нема да даде резултат како и да не се случи нешто слично како во 2001 година кога ЕМО со голем дисконт се продаде на Арарат-фирма на која подоцна и беа одземени акциите, рече Молкоски.

Според него  зад стопирањето на продажбата преку берза се крие  неможноста во таква постапка Владата да го избере купувачот и дека со продажбата на тендер таа ќе одбере партнер по своја мерка. Ако Владата има вистински намери таа треба најбрзо што може да го распише тендерот за да не се откажат  заинтересираните партнери, сметаат во СИЕР.

Инаку државата на продажба ќе понуди пакет акции од 41,7% во нејзина сопственост кои се проценуваат на околу 5 милиони евра. Во 25 доели во охридски ЕМО работат околу 2100 вработени. Компанијата нема доминантен сопственик, 17,09 % од акциите поседува словенечката фирма Грандекс, а околу 20 % се во сопственост на мали акционери.

Г. Момироски