Синдикатот на фудбалери во Македонија (СФМ), ќе го забрза процесот за враќање на фудбалот во нашата земја. СФМ, доброволно се пријави за помош на екипите кои се натпреваруваат во Првата македонска фудбалска лига за тестирање на вирусот Ковид -19. Низ тестирање треба да поминат сите членови и вработени во клубовите, а не само фудбалерите.

Синдикатот на Фудбалери на Македонија во координација со клубовите од Прва македонска фудбалска лига ќе организира тестирање на коронавирус на сите фудбалери, тренери и стручните штабови кои што доброволно ќе сакаат да се тестираат. Пред и за време од започнување со нормален тренажен процес мобилна екипа ќе доаѓа по клубовите и ќе врши тестирања со цел фудбалерите и сите што имаат контакт со нив во клубовите безгрижно да можат да си ги извршуваат своите работни задачи. Во преговори сме со една од приватните клиники и се надеваме ќе најдеме заеднички јазик и можност ова да го спроведеме во целост. Начелно добивме согласност од сите клубови. Во моментов како синдикат сме финансиски моќни да организираме едно тестирање(тестирање на преку 300) луѓе и доколку е потребно најмалку три тестирања како во некои европски земји се надевам ФФМ и прволигашите ќе смогнат сили и обезбедат средства за другите две тестирања. Да напоменам дека немаме можност за тестирање на сите второлигаш и временски и финансиски но доколку некој играч, тренер или било кој член од клубовите од втора лига појави интерес за тестирање слободно нека не контактира ќе му овозможиме тестирање.

Да напоменеме дека сите тестирања СФМ комплетно ги покрива,без никаков трошок за клубовите и играчите. Се надевам дека преговорите со клиниката ќе бидат успешни и оваа акција ќе ја спроведеме во целост, вели во соопштението претседателот на СФМ, Панче Ќумбев.

Фудбалот во Македонија беше прекинат на средината од март по комплетирањето на 23 коло, а лидер на табелата беше скопски Вардар со десет бодови пред Силекс и 11 пред ривалот Шкендија.

OhridNews