Да се одложи примената на законот за домување од шест до 12 месеци, период во кој граѓаните би требало да се едуцираат, а институциите да се подготват за неговата примена, бара Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија.

Според КСОМ, законот за домување е неприменлив и за да може тој да профункционира треба да се направат низа измени.

Потребни се измени во делот на обврските што ги има претседателот на куќниот совет. Треба да се отворат две жиро-сметки. Една за куќниот совет, една за резервен фонд. Треба постојано да се врши измена во случај на промена на сопственост на стан. Секоја промена на станар треба да се евидентира во Централен регистар, што повлекува дополнителни трошоци. Има станови со сопственици во странство, кои се недостапни и без кои не може да се регистрираат куќните совети – вели Марјан Ристески, претседател на КСОМ.

Според синдикатите, институциите не можат или не знаат да го имплементираат законот, или, пак, самите тие што го изработиле не го познаваат, а очекуваат граѓаните да го познаваат и да го имплементираат.

Поради законот за домување, како и законот за извршување и Законот за работни односи и состојбите во државата, КСОМ најавува масовни протести на осми септември.

Ohridnews