Сојузот на синдикатите на Македонија  донесе одлука за одржување јавни протести на 7 ноември во поголемите градови во државава меѓу кои и Охрид, и на централен протест закажан за 14 ноември во Скопје.

” Бараме под итна постапка да се донесе закон со кој ќе се укинат последните измени и дополнувања на Законот за работни односи. Со овој закон драстично се намалени и укинати определни права на работниците кои се стекнуваа со години наназад”-вели претседателот на Регионалниот синдикален совет во Охрид, Драган Цветаноски.

“Исто така, вели Цветаноски, бараме повеќе услови за  пензионирање. Ние како синдикат се обративме до Собранието по однос на изменување и дополнување на Законот за  пензиско и инвалидско осигурување и баравме враќање на стариот систем на пензионирање што значи 35 години работен стаж за жените и 40 за мажите без разлика на староста. Тој објаснува дека   се бара и превремено пензионирање на работниците кои имаат  уште пет години до пензија, на тој начин што пензијата за тие пет години ќе се намали  за 1,5 проценти  за секоја година работен стаж, како и откуп на стажот од страна на работодавците. “Сметавме дека на овој начин  голем број работници ќе одат  во пензија, ќе  се растеретат фирмите со постари работници и ќе им се даде шанса за работа на младите стручни кадри”, додава Цветаноски.

Утврдувањето на минималната плата е уште едно од барањата на ССМ. Според регионалниот синдикален лидер, Цветаноски, ниту оваа, ниту претходната гарнитура на власт не успеаја  заедно со ССМ да ја утврдат најниската цена на трудот. ” Животниот стандард на граѓаните опаѓа. Потрошувачката кошница за едно четиричлено семејство во Македонија тежи околу 12 илјади денари, а минималната плата е 6 илјади денари. Точно е дека  баравме минимална плата од 6 илјади денари, но  сега сме на ставот дека таа треба да изнесува  200 евра за да ја покрие барем  потрошувачката кошница”, објаснува Цветаноски.

Синдикалците бараат од Владата да преземе итни мерки за да се спречи намалувањето на животниот стандард,  како и да донесе посебен закон со кој ќе бидат згрижени оние кои имаат над 25 години работен стаж, а се технолошки вишок или стечајни работници.