Во Охрид денеска започнаа Синдикалните игри и средби на членовите на Македонскиот полициски синдикат.
Игрите ги отвори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Синдикалното организирање претставува столб на кој се засноваат и унапредуваат правата на вработените. Секое општество кое што тежи кон развој и просперитет, е должно да го негува и поддржува синдикалниот дух. Токму преку  овој начин на дејствување, преку спортското натпреварување  другарување, размена на искуства на полициски службеници од повеќе  земји учеснички на спортските средби се јакне спортскиот дух  и квалитетното синдикално функционирање, рече министерот Спасовски во своето обраќање.

Тој посочи дека ако солидарноста претставува еден од базичните принципи на синдикализмот, тогаш еден од најдобрите начини за нејзино реално демонстрирање и зацврстување е токму ваквиот вид на дружење, подобро запознавање на синдикалците и градењето фер спортски однос.

Оваа традиција што Македонскиот полициски синдикат ја има воспоставено низ годините наназад е токму таква убава можност во која секогаш се наоѓаат и дополнителни  форми за квалитативно збогатување на тоа дружење, вредности и цели кои го спојуваат убавото и корисното, потенцираше Спасовски. 

На настанот присуствуваше претседателот на Европските полициски синдикати, Рикардо Валадас на кој Спасовски му изрази посебна благодарност  за неговите особени заложби во промовирањето на нашата убава земја, нашето Министерство за внатрешни работи и синдикализмот насекаде во светот. Пред почетокот на Синдикалите игри од страна на присутните со едноминутно молчење им беше оддадена почит на загинатите бранители на МВР и на починатите во пожарот во Модуларната болница во Тетово.

 

 

OhridNews