Минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јуни изнесуваат 39.710 денари и во однос на јануари се зголемени за 3.399 денари или за 9,49 проценти.

Од Сојузот на синдикати на Македонија, каде на месечно ниво ја прават синдикалната потрошувачка кошничка, информираат дека за една година синдикалната кошничка е зголемена за 5.498 денари или за 16 проценти.

Порастот на цените и растот на инфлацијата која од месец за месец е се поголема за месец јуни изнесува 14,5 проценти и влијае врз намалувањето на куповната моќ на работниците и доведува до осиромашување на целокупното население, оценуваат од ССМ.

Според анализата на ССМ, зголемувањето на минималната синдикална кошничка расте поради порастот на цените. Најголемо зголемување во јуни има кај храната и пијалоците.

Според податоците на Државниот завод за статистика трошоците на животот во јуни годинава се повисоки за 2,8 отсто во споредба со претходниот месец, а цените на мало пораснале за 2,4 проценти. На годишно ниво, пак, трошоците се зголемени за 14,5 отсто, а цените на мало за 13,7 проценти.

Пораст на трошоците на животот во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 10,4 отсто, лебот и житата за 7,8, млекото за 6,7, месото за 5,2, свежото и разладеното овошје за 2,9, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 2,7, виното за 2,1, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1,0, рибата и морските плодови за 0,8, кафето, чајот, какаото за 0,5 и прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,4 отсто, велат од ДЗС.

Во јуни, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 17,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 16,3, туристичките аранжмани за 6,4, цврстите горива за домаќинствата за 6,2, воздухопловниот патнички транспорт за 6,1, гасот за домаќинствата за 4,4, патниот патнички транспорт за 4, услугите за сместување за 3,7, градините, растенијата и цвеќињата за 2,9, фризерските салони и центрите за разубавување за 2,7, рестораните, кафулињата и слично за 2,5, другите апарати и производи за лична хигиена за 2,1, големите електрични апарати за домаќинствата за 1,8, услугите за одржувањето и поправките на живеалиштето, парамедицинските услуги за 1,7 отсто.

Намалување, пак, според податоците на ДЗС е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 3,3 отсто и кај опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 1,2 отсто.

OhridNews