Еден редок син дијамант, дел од легендарната колекција Де Бирс Милениум, бил продаден на аукција во Хонг Конг за 6,4 милиони долари. Дијамантот во форма на круша од 5,16 карати бил првиот од тој вид кој се појавил на аукција од колекцијата Де Бирс, најголемиот производител на дијаманти во светот.


Аукциската куќа го проценила помеѓу 4,6 и 5,8 милиони долари, а го купила Алиса Мусаиф, трговец со дијаманти од Лондон, која рекла дека е задоволна од постигнатата цена. Збирката Де Бирс Милениум е составена од 12 ретки дијаманти и е собирана со години. Синиот дијамант е меѓу најретките видови, а неговата боја се должи на хемискиот елемент Бор.