Од Министерството за култура денес и официјално ја потврдија информацијата за разрешувањето на Тони Симоноски од функцијата Директор на фестивалот “Охридско лето”. 

Министерот за култура, Елизабета Канческа- Милеска донела одлука за разрешување на Симоноски поради работа во спротивност со Законот и Статутот на установата, стои во објаснувањето на надлежното министерство од каде не дадоа подетални информации околу разрешувањето. Потенцираа дека ваквата одлука на Министерот за култура, нема да го наруши текот на активностите околу подготовките за јубилејното, 50-то издание на овој реномиран Меѓународен фестивал.

Од општинскиот комитет на ВМРО- ДПМНЕ, од чии редови доаѓа Симоноски, не беа расположени за коментар. “ Поставувањето или разрешувањето на Директорот на фестивалот е во надлежност на Министерот за култура и ние немаме никакво влијание врз било која одлука која ја носи надлежното министерство” , потенцира претседателот на ОК на ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов.

Т. К.