И покрај наследените долгови од 10 .000. 000 денари и неисплатени плати во износ од 3. 000. 000 денари , Јавното претпријатие „Градски гробишта“ успеа да се консолидира и покаже позитивен финансиски ефект, за 2013 година во висина од 3. 377. 181 денари и за 2014 година 4. 390. 925 денари, информира на денешната прес конференција, директорот на претпријатието, Зоран Симоноски.
– Во ЈП “Градски гробишта“ воведен е нов начин на работа . По налог на актуелната локална власт за прв пат како претпријатие со своја градежна група се вклучивме во реализација на дел од проектите на Општина Охрид. Парите по извршената работа наместо во приватни фирми како што тоа беше пракса претходно почнаа да се слеваат кај нас. Тие активности во изминативе 2 години на претпријатието му донесоа приходи во износ од околу 8.500.000 денари. Воведовме и контрола на документацијата во смисла на откривање на таканаречените пасивни корисници кои смислено имале ваков статус како не би плаќале гробарина. Работевме на откривање на продадени гробни места без докуметација и други услуги кои што воопшто не биле фактурирани од страна на јавното претпријатие кон комитентите. Ги намаливме и цените на гробни места и гробарина за 12% по гробно место и 18% просечно по сметка. Почнавме сами да произведуваме , украсни столбчиња,коловозни рабници,плочки и други потребни материјали, истакна Симоноски.Меѓу мерките за консолидација на претпријатието, Симоноски ги наведе и транспарентното и законско издавање на тезгите и ресторанот што резултирало со сериозни разлики во висината на добиени понуди во однос на претходните години.
Директорот Симоноски потенцира дека и покрај наследената тешка финансиска состојба редовно се подмирувале тековните обврски а исплатени се околу 7. 000.000 денари или околу 70% од заостанатите односно наследени долгови на јавното претпријатие.
– Во април 2013 година затекнавме состојба со заостанати долгови во висина од 10.000.000 денари, неисплатени плати во износ од 3. 000. 000 денари , долг кон УЈП во износ од 1. 700. 000 денари и обврски по основ на доверители , добавувачи,камати,консултантски услуги,банкарски провизии и комунали во износ од 5. 300.000 денари. Завршната сметка за 2012 година беше со салдо од – 2. 075. 142 денари. Претходното раководство спроведувало набавка на материјали без тендер спротивно од закон а не се фактурирале и не се наплаќале разни видови на услуги кон погребални оператори,каменоресци и физички лица, посочи Симоноски.
Симоноски додаде дека јавното претпријатие во изминатиов период учествувало во уредување на влезот во Охрид , во изградбата на спортското повеќе наменско игралиште во населба Лескајца, во санацијата на училиштата во с. Ливоишта,Велгошти,Лескоец ,ОУ„ Братство Единство“,ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, во изградбата на паркинг просторот кај Долни Сарај, во изградбата на неколкуте плоштади.
OhridNews