Капитенот на Фершпед Работнички, Тони Симиќ, го доби признанието за најкорисен (МВП) кошаркар на неодамна одиграното 16. коло од македонското првенство. Со својот учинок во триумфот на неговиот тим против Овче Поле, Симиќ имаше индекс на корисност 28. Против светиниколци високиот центар постигна 14 поени заедно со седум скока, осум асистенции и четири блокади и тоа за 31 минута поминати на теренот.

Зад Симиќ со идентичен индекс на корисност, 25, се најдоа Американецот Талик Браун (Фени индустри) и Србинот Милутин Марјановиќ (Овче Поле). Поради тоа што одиграл помалку минути второто место му припадна на бекот на кавадарчани, Браун.

Најдобар стрелец на колото е Игор Трајковски, плејмејкерот на К. Соколи со 28 поени, а зад него се Марјановиќ со 24 поени и Браун со 23 поени. Прв скокач на колото е Сашо Тасевски од К. Соколи со 11 скока, додека кошаркарот на Фени, Слободан Михајловски имаше еден помалку.

Нетипично за еден центар, Симиќ е најдобар асистент со осум успешни додавања, Браун има седум додека Горан Самарџиев оствари шест асистенции.

ohridnews