Со цел да изразат солидарност и поддршка на најавениот Протестен марш, предводен од иницијативата „Култура или фискултура?“, кој ќе се одржи денеска во Скопје, исто така денеска, на Кеј „Македонија“, во Охрид, пред споменикот „Св. Кирил и Методиј“,  работниците во културата од институционалната и вонинституционалната сцена на локално ниво, во времетраење од 12.15 до 13.00, ќе излезат на симболичен собир.

Протестниот марш, во организација на „Култура или фискултура?“ произлезе од проблематичниот избор на директорот на институцијата Центар за култура „Антон Панов“ од Струмица, каде од тројцата кандидати (магистер по културен менаџмент, актер со 20 години стаж во институцијата, и наставник по физичко образование) беше одбран најмалку соодветниот кандидат, под заклучок дека е единствен кој ги исполнува формално-правните услови. Иницијативата да се преиспита и разреши, вака одбраниот кандидат, беше поддржана од преку 200 индивидуалци и групи од културната сцена, информираат иницијаторите на протестот.

Случајот во НУЦК „Антов Панов“ Струмица, само фрла светлина врз долгогодишниот деградирачки однос кон институционалната култура, каде за доделување на раководните функции најважен критериум останува партиската припадност и клиентелизмот. Ваквиот однос, произведува долгорочно негативно влијание врз квалитетот на програмите, градењето на публиката, како и на самата атмосфера и мотивација за работа на стручниот кадар во институциите. – велат од Иницијативата.

На Протестниот марш – „Култура или фискултура?“ културните работници ќе излезат со 5 конкретни барања, кои во иднина можат да ги превенираат овие аномалии и конечно ќе се започне со вистинско валоризирање и воведување на соодветни критериуми за избор на квалитетни раководители во секоторот култура, како витален дел од секое општество, како што и беше предвидено во Националната стратегија за култура 2018-2022.

OhridNews