Само неколку дена откако дал оставка од функцијата премиер на Италија, Силвио Берлускони се спрема да издаде нов албум со љубовни балади. Италијанскиот милијардер, кој како студент пеел по луксузни бродови кои крстареле по Медитеранот, минал две години пишувајќи текстови за својот нов, четврти албум, со наслов “Vero amore”, или во превод „Вистинска љубов“. На албумот ќе се најдат 11 нумери, кои поранешниот премиер ќе ги пее со својот пријател, неаполскиот гитарист Марјано Апиечели, со кој соработувал и на претходните три албуми.
Песните, инспирирани од традиционалната неаполска музика и самба, зборуваат за невозвратената љубов. Страста на Берлускони кон музиката е позната одамна. За тоа сведочат и манекенките и останатите девојки кои присуствувале на прочуените „Бунга бунга“ забави во Милано и Рим, и кои раскажуваат дека италијанскиот тајкун сакал да ги забавува гостите пеејќи на италијански и француски, како и кажувајќи „мрсни“ вицеви. Првиот негов албум издаден во 2003 година бил продаден во 45 илјади примероци.