Политичарите и уметниците го искористија свеченото отворање на најголемата културна манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“, да испратат силни пораки за зачувување на универзалните вредности на Охрид поради кои неговото природно и културно наследство е заштитено од УНЕСКО. Уметноста треба да не инспирнира на храбри потези за Охрид, истакна во својот говор претседателот Пендаровски.

Како што го започнавме нашето патешествие, да ѝ дозволиме на уметноста да нè инспирира на храбри потфати. Да развиваме култура што ќе го отсликува богатството на нашите различни културни традиции, тука, во Северна Македонија. Да негуваме длабока почит и одговорност и за природата што ни е доверена на чување. Ова особено се однесува на незаменливото природно и културно наследство во регионот на Охридското Езеро. Мора да направиме сè што е во нашата моќ да го сочуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО. – рече претседателот Пендаровски.

Режисерот Александар Поповски кој ја прочита пораката од уметниците до светот, го искористи творечкиот опус на големиот драмски писател Горан Стефановски да го потенцира проблемот со дивоградбите со кој се соочува Охрид.

Јас сега читам диво месо, а вие слушајте диво-градби. Диво месо е верување дека ако некому му влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се створи месо кое не е човечко и кое ќе расне и нарасне толкаво да го угуши човека. Месото мора да се откорне со нокти, раната да се изгори со жар. – рече Поповски.

Потребна е силна поддршка Охрид да ги надмине проблемите поради кои тој се најде на чекор да биде ставен на Листа на заштитени подрачја од УНЕСКО во опасност, вели гтраоначалникот Георгиески. Додава дека градот ги евидентирал сите дивоградби и дека постапува неселективно, вклучително и во случајот со реновираниот угостителски објект на актуелен советник кај стариот Чинар, кој свечено беше отворен пред два, иако општината има издадено решение за негово отстранување.

Знам дека по однос на решението на овластениот градежен инспектор при Општина Охрид има жалба до второстепена комисија во Министерството за транспорт и врски. Се’ уште немаме добиено одговор од второстепената комисија, меѓутоа од документите и податоците што ние ги добивме од терен станува збор за диво изграден објект. – изјави градоначалникот Георгиески.

Георгиески најави дека во наредниот период ќе претстои евалуација на влијанието на евидентираните дивоградби врз природното и културното наследство на Охрид, по што ќе бидат преземени соодветни мерки. Решавањето на проблемот со дивоградбите е само едно од 19 барања на Реактивната мисија на УНЕСКО, кои Охрид треба да ги испони за да го зачува статусот на заштитено светско природно и културно наследство.

Проблемите со дивоградбите кои ги загрозуваат универзалните вредности на Охрид, и денеска беа предмет на партиски реакции. Според ГДУ тие се должат на политичкиот пазар кoј со години се применува на локалната сцена.

УНЕСКО и пред три години истото го бараше, и пред 8 години, но пазарот и изборите се впрочем многу поважни отколку УНЕСКО и граѓаните. Целата шпекулација и манипулација за време на изборите беше баш на сметка на
дивоградбите, но каков е резултатот и исходот, баш каков што и предвидувавме, иако се надевавме дека постои мала шанса да не се случи ова. – стои во соопштението на ГДУ.

 

OhridNews