Под силно полициско обезбедување денеска продолжи наставата во средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“ во Струга, која два дена беше во прекин поради масовни тепачки помеѓу ученици македонци и албанци, што се случија во понеделникот.
Силно полициско обезбедување на средните училишта во Струга
Пред училиштата и во заедничкиот двор забележително е зголемено присуство на полицијата и обезбедување во функција на спречување конфликти помеѓу средношколците. Наставата ќе се одвива со скратени часови од по 40 минути се до 10 март до кога според договорот постигнат на состанокот помеѓу градоначалникот на Струга Рамиз Мерко и раководствата на училиштата, треба да се создадат услови за работа по етнички смени.
Наставата се одвива со скратени часови
На состанокот како што веќе информиравме, било заклучено деновиве да бидат организирани средби со родителите за нивно објективно информирање, а учениците кои биле директно вклучени во инцидентите да се санкционираат. На средбата била осудена секаква вмешаност и влијание на политичките партии во настаните кои се случија. Со остра осуда на немилите настани на средбата било побарано максимално ангажирање на директорите и наставничките колегиуми во училиштата за нормализирање на состојбите.
Градоначалникот Мерко бара смирување на тензиите
Како што е познато по неколкуте помали инциденти и вербални расправии настаните во средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“ во Струга во понеделникот ескалираа со масовни тепачки помеѓу учениците македонци и албанци во кои двајца ученици беа повредени, а двајца беа приведени од полицијата.
Г. Момироски