Кандидатот за советник од редовите на СДСМ, Мишел Силјаноски, на денешната прес конференција потенцира дека нема ништо подобро од тоа сопствената перспектива да се гледа во местото каде што живеете, творите, другарувате, да работите и создавате во сопствениот град, во сопствената држава.

– Охрид го правиме место со перспектива, место каде младите ќе ја градат иднината. Без развојот на локалната економија, нема ништо. Токму затоа предвидуваме здружување на бизнисите со општината и граѓаните. Тие да бидат партнери во создавањето на подобар живот за сите. Еден од основните предизвици со кои се соочува градот Охрид е зголемување на животниот стандард на граѓаните, привлекување на младите генерации да останат да живеат и творат во градот, генерирање на поквалитетни работни места со повисоки примања, генерирање на економскиот раст и развој, рече Силјаноски.

Тој додаде дека локалните самоуправи добиваат повеќе пари, а со тоа и повеќе можности.

– Новата локална власт предводена од Социјалдемократскиот Сојуз има отворен и сигурен партнер во Владата на Република Македонија. Парите ги враќаме кај граѓаните. Веќе стана реалност мерката 10.000 евра неповратни средства за младински старт ап компании со кои многу млади во Охрид ќе си ја пронајдат иднината и егзистенцијата, тука, во родниот град. Се отвораат и центри за отпочнување и развој на бизниси кои ќе ги водат токму младите низ целиот процес на стекнување на искуство и развој на нивните компании, потенцира Силјаноски.

Кандидатот за советник од СДСМ, нагласи дека општината станува пријател на бизнис заедницата со која заеднички ќе се дефинираат приоритетите за развој на Охрид, а преку бизнис форуми ќе се проектира и следи локалниот економски развој.

OhridNews