Најмалку две лица загинаа а стотина други се повредени во силниот земјотрес што во недела попладне ја погоди областа Баха Калифорнија која се протега на северниот пацифички брег на  Мексико, објави Американскиот геолошки институт.

Според сеизмолозите земјотресот бил со јачина од 7.2 степени според Рихтер и е најсилниот потрес што ја погодил областа во изминатите 18 години, а неговиот епицентар се наоѓал на 175 километри југоисточно од мексиканскиот пограничен град Тихуана.

Првиот човек на противпожарната служба во Тихуана, Рафаел Карило, изјавил дека пожарникарите спасувале луѓе кои биле заглавени во лифтот во еден хотел, а пријавени биле и материјални штети.

Помеѓу оштетените бил и хотелот Краун Плаза, сместен во близина на епицентралното подрачје. Одговорните во хотелот пријавиле кршење на прозорците и силен тресок во моментот на земјотресот.

Земјотресот бил почуствуван и во јужниот дел од американската сојузна држава Калифорнија како и во Аризона и Невада.

OhridNews
извор: „Макфакс“